15 ГОДИНИ ЈУБИЛЕЈ
Во ноември 1998 година е основана невладината организација Здружение за заштита на правата на детето, која го одбележува својот 15-годишен јубилеј. Членови на Здружението станаа еминентни универзитетски професори, судии во Врховниот суд на Република Македонија и во основните судови, правници, социјални работници, педагози, психолози, пенолози, наставници, студенти, кои активно, на волонтерска основа, работат за подобра имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето. во Р. Македонија. Основачи на Здружението за заштита на правата на детето се:
проф. д-р Владимир Ортаковски, професор на Факултетот за безбедност, кој е и актуелен претседател на ЗЗПД;
проф. д-р Оливер Бачановиќ, професор на Факултетот за безбедност, кој е и актуелен потпретседател на Здружението;
Кирил Трајковски, социјален работник, член на Извршниот комитет на ЗЗПД;
Младица Котевска, социјален работник, член на Извршниот комитет на ЗЗПД.
Член на Извршниот комитет на ЗЗПД е и Ирена Велкоска, координатор на Дневниот центар за деца на улица.
Здружението работи на бројни прашања во врска со заштитата на правата на детето, а како основни цели и задачи ги има :
имплементација на Конвенцијата за правата на детето во домашното законодавство и практика;
подигање на свеста за правата на детето и создавање чувство на солидарност со децата од целиот свет;
поттикнување и оценување на примената на правата на детето предвидени во меѓународното право, а особено правата предвидени со Конвенцијата за правата на детето;
преземање активности за надминување на сосотојбата со непочитување или кршење на правата на детето;
oсновање и раководење со детски центри (Центар за детска правда, Центар за деца на улица) за унапредување и примена на ефикасни механизми за заштита на правата на детето во конкретни области и ситуации;
лобирање за измени и унапрeдување на националната легислатива од областа на правата на децата;
здружување во национални и регионални коалиции и мрежи на невладини организации кои работат на полето на детските права;
организирање симпозиуми, семинари, тркалезни маси, Конференции за печат поврзани со афирмацијата и заштитата на правата на детето
Во рамките на редовните програмски активности, Здружението своето внимание го задржа на имплементација на меѓународните и национални документи и закони, кои се однесуваат на создавањето услови и остварувањето на правата на детето. Со свои иницијативи, предлози и непосредно учество придонесува кон хармонизација на националната легислатива која се однесува на заштита на правата на детето со ЕУ и ООН како и со најдобрите пракси на земјите на ЕУ и во светот.
За да ја анимира јавноста за важноста и значењето на детските права според меѓународната и националната регулатива и политики, во истата година Здружението организира Симпозиум за правата на детето и издаде зборник на трудови за овие прашања.
Понатаму, реализира проект насочен кон психо-социјална интеграција на децата со оштетен вид од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен вид Димитар Влахов : Имам право на еднаков свет, и ги вклучи децата, младите и нивните наставници, во добивањето знаења за сопствените права и потреби и зголемување на вештини за нивна реализација. на национално ниво здружението активно учествува во подготовка на детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на детето во Р. Македонија, кој го припрема невладиниот сектор за Комитетот за правата на детето при ООН, со седиште во Женева.
Меѓународниот проект за имплементација на заштитата на правата на детето, чиј носител беше Defence for Children International (DCI-Geneva), овозможи Здружението за заштита на правата на детето- секција во Македонија, да реализира тригодишен проект и формира Центар за детска правда „Малиот Голем Човек“. Фокусот беше на заштита на правата на децата во конкретни случаи и ситуации на нивно прекршување и во случаи на социјален ризик за загрозување на правата на детето. Во овој Центар децата добиваа бесплатна правна и социјална помош. Активностите беа надополнети со организирање на семинари и обука на професионалци кои работат во владините институции и волонтерите за работа во Центарот за детска правда како и на другите соработници од НВО кои работат на полето на заштитата на правата на детето, изработување информативно едукативни материјали за населението, истражувања, предлози за измена во законската регулатива и лобирањето за подобра имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето, соработката со голем број владини и невладини организации на ова поле. Како значајни наслови ќе издвоиме:
-Семинар на тема: Правата на детето и малолетничка правда, 2002 година, Охрид, и печатење на зборник на трудови од овој семинар,
- Истражување за состојбите во воспитно-поправниот дом Тетово и во малолетничкиот затвор Охрид, одржување на семинар со теми од доменот на малолетничката правда, како и публикација на трудовите Има ли живот за време и по затворањето,
- Истражување за злоупотреба на деца во текот на изборна кампања, организирање на тркалезна маса, публикација на тема: „Стоп за злоупотреба на децата во текот на изборната кампања“.
Водено од потребата за унапредување и давање комплексна заштита на правата на детето, Здружението влегува во национални и регионални коалиции и мрежи на невладини организации, кои работат на полето на детските права.
Здружението, до денес продолжи да го развива Дневниот центар како Едукативен забавен дневен детски центар за деца на улица, формиран во 2006 година, со имплементирање на Проектот за развој на општините, поддржан од Светска Банка.
Функциите на „Едукативно – забавниот дневен детски центар за деца на улица“ се остваруваат преку методи на непосредна и посредна работа со децата на улица и нивните семејства. Заради добивање поцелосна грижа и заштита, Центарот остварува соработка и координација со локалната заедница, вклучувајќи ги: Владините институции, службите на локалната самоуправа, градинките, училиштата, здравствените институции, невладините организации.
Дневниот центар обезбедува пред сé, дневна грижа за ромските деца, така што во текот на денот ги оттргнува од улица, ги внесува во безбедна средина исполнета со активностите кои го помагаат нивниот детски раст и развој. Центарот работи од понеделник до петок, со работно време од 8-16 часот. Со децата редовно работи стручен тим на социјален работник, психолог, педагог, одделенски наставник. Секогаш се вклучуваат и други волонтери, волонтери кои доаѓаат од странски земји со специјални содржини: за развој во музиката, изработување оригами, цртање, спортски активности и сл. Во изминативе три години, во Центарот поминале вкупно 240 деца, а во моментов, престојуваат 105 деца, на возраст од 4-17 години. Од нив 88 се вклучени во редовниот образовен процес а дневниот центар помага тие што подолго да останат во него. Во зависност од потребите не секое одделно дете, во центарот останува една година а по проценка на тимот и повеќе ако детето има потреба од продолжување на престојот.
Во Програмата за работа на Центарот вклучени се низа активности од доменот на образованието, воспитанието, здравствената заштита, културата, спортот, социјализацијата и интеграцијата во заедницата. Се вложува, децата да останат во текот на денот во центарот, да добијат топол оброк, хигиенски навики, бањање и чиста облека и обувки, лекови, вакцина. Понатаму, се вклучуваат во интерактивна работа во совладување на образовни содржини, градење на воспитни навики, развој на нивните креативни способности. Секојдневно се работи и со родителите така што им се помага во задоволувањето на други потреби и решавањето на други проблеми.
Скопје, ноември 2013.
ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ДЕТЕТО
Проекти
Центар за детска правда
- Целта на Центарот за детска правда
- Има ли живот по затворањетo
- Правата на детето и малолетничката правда
- СТОП за злоупотреба на децата во текот на изборната кампања
- Анализа на злоупотребата на детскиот труд во западноевропските држави
- Проценка на состојбата на сексуалната злоупотреба на децата во воспитно-поправните установи
- Едукација на децата за заштита на нивните права
- Психо-социјална интеграција на децата со оштетен вид
Твоите права
Право на заштита против дискриминација.