Едукативен забавен дневен детски центар за деца на улица
Период на имплементација: февруари 2006 година
Во рамките на Здружението за заштита на правата на детето со имплементирање на деветмесечниот микропроект за развој на Општините на Светска Банка и Министерството за финансии, во февруари 2006 година е формиран "Едукативно-забавниот дневен детски центар за деца на улица" кој се наоѓа во просториите на градинката Снежана во општината Шуто Оризари. Во континуитет, од формирањето до денес, работи со ранливи маргинализирани групи на деца и претставува успешна имплементација на Конвенцијата за правата на детето во која се пропишани основните вродени и стекнати права на детето за унапредување на добросостојбата на детето и негово полно учество во општеството. ЗЗПД преку својата програма на работа се залага за воведување и применување на закони, политики и пракси за да се заштитат и промовираат нивните права.
Функциите на "Едукативно – забавниот дневен детски центар за деца на улица" претставуваат метод на непосредна и посредна соработка и работа со децата на улица, како и со нивното потесно семејство што доста позитивно придонесe за полесно вклучување на истите, од подрачјето на Шуто Оризари. Со оглед на тоа што како Дневен Центар сме во нивна близина тие нас не доживуваат како нивен Центар за информации, поточно како матица на нивната преродба и побрза социјализација.
Целите на Дневниот Центар е социјална инклузија на ранливите ромски деца односно оттргнување од улиците и вклучување во нормалните текови на општественото живеење, каде преку денот тие прифатени и заштитени го минуваат времето на корисен и структуиран начин во текот на целата година, со што се стимулираат и развиваат нивните потенцијали и капацитети за нивна социјализација, раст, развој и вклученост во заедницата. Зависно од напредокот и потребите на децата во Центарот, децата можат да престојуваат најмногу една година, се разбира, сето ова сé должи доколку се увиди дека во текот на годината има видливи резултати т.е активно го посетувале дневниот центар и училиштето и постигнале успех, а при тоа се намалил престојот на улица, а во спротивно, доколку напредокот оди побавно тогаш децата остануваат и подолго кај нас.
Преку престојот на децата во целост им се задоволуваат основните права и потреби, право да стекне ИДЕНТИТЕТ, право на ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА и среќа, ЗАШТИТА од трудова експлоатација, емоционално злоставување и занемарување, физичка и сексуална злоупотреба, ПРАВО НА ОБРАЗОВАНИЕ - поголема вклученост и задржување во образовниот систем и успех во училиштето, ЗАДОВОЛУВАЊЕ на различните потреби на децата: ужина, облека, обувки, хигиена, потреба за игра, забава, дружење, пружање љубов, топлина, разбирање, грижа за нивната безбедност и за почитување на детската личност, грижа и следење на целокупната здравствената состојба, поттикнување на нивните позитивни човечки вредности, изразување на своето мислење, стекнување на самодоверба, самопочит, самовреднување и позитивен став кон себе и кон другите, пружање на психо-социјална и емоционална поддршка и интервенција. Успехот се должи на безрезервното вложување на заедничкиот труд во обид да се стави линк помеѓу родител - дете.
Во Дневниот центар за деца на улица се згрижени 82 деца - деца на улица на возраст од 04-17 години од кои 68 деца се вклучени во редовниот образовен процес. Од негово отварање па сé до денес, бенефит на услугите кои ги нуди овој дневен центар имале 143 дечиња.
Децата секојдневно од понеделник до петок доаѓаат во Центарот, се дружат, осознаваат за нивните права, едуцираат, образуваат и социјализираат. Со нив работи стручен тим составен од социјален работник, психолог, педагог и одделенски наставник. Тимот што го води дневниот центар се грижи децата да бидат здрави, сигурни, самостојни, слободни, задоволни, весели, креативни и среќни.
Сите програми се однапред предвидени и содржат богати активности и работилници кои помагаат во оформување на позитивните особини на каракатерот на детето.
Активностите кои се одвиваат во дневниот центар се распределени во пет работилници и тоа:
-Работилница за формирање на хигиенски навики и одржување на личната хигиена
-Едукативно образовната работилница
-Креативна-ликовна работилница
-Музичката
-Спортско-рекреативни и фискултурни активности
Хигиенска работилница
Обезбедена им е бања со топла вода, хигиенски средства и чиста облека. Тимот им овозможува и на семејствата да ја користат бањата и машината за перење облека и за нивни помали членови.
Едукативно образовна работилница
Најнагласен дел на оваа работилница е нивното опсименување и вклучување во редовниот образовен процес како и негово задржување. Во Д.Центар децата според капацитетот на интелектуалните способности и степенот на писменоста се поделени во три групи. Првата група работи со почетно пишување на коси, прави линии, гласно изговарање на буквите од азбуката, поврзување на буквите со некој предмет кој го опкружува, собирање и одземање до 10, разликување на геометриски тела и множества, именување на денови во неделата, месеци во годината, годишни времиња, страни на светот, разликување на бои, овошје, зеленчук, домашни и диви животни итн. Во втората и третата група покрај горе наведените и поопширно опфатени теми децата учат собирање, одземање до 1000, делење и множење, текстуални задачи, читање и раскажување на четива-текстови, глаголи, именки, учат за општи но многу корисни географски и природни поими, планети, контитнети, како и содржини и активности поврзани за англиското говорно подрачје каде децата ги изучуваат елементарните поими на англиски јазик за себе и семејството.
Од мината година се применува и информатичкото образование кое овозможува децата да се оспособат со сооодветно вклучување во глобалното современо информатичко општество. Основната идеја е да се влијае на подигање на свеста и елементарно познавање на информатичката култура и писменост и изучување на основни-базични поими и вештини за користење на компјутерски вештини-апликации: word и exel.
Од досегашните спроведени програми и активности ЗЗПД нудеше подготовка на најзагрозените ромските деца, деца на улица, на предучилишна и училишна возраст влез во образовниот процес, како и подобрување на стапките на задржување во основното образование. Нудеше и други вештини што се потребни за полесен влез во образовниот систем како неформално образование, секојдневна вонучилишна поддршка и помош при извршување на училишните задачи. Направени се и сериозните напори во однос на прво вклучување на 9-11 годишни деца во првото одделение.
Креативно-ликовна работилница
Во креативната работилница децата не само што умеат и сакаат да изработуваат и работат со сите матријали за работа како колаж, пластелин, цртање, боење, оригами туку тие имаат особена желба и интерес да создаваат и да творат нови креации. Особено кога се подготвуваме за денот на шегата, вапцањето на велигденските јајца, изработката на осмомартовска честитка, одбележувањето на празникот Ѓурѓовден со плетење венец од цветови. Овие работилници досега ни помагаа и во изразување на сопствените емоции: грижа, страв, бес, тага, љубов, конфликт, желби, детски права.
Музичка работилница
Музичката-игровен контекст на размена на традиционални игровни танци, интерактивни социјални игри за со цел да создаде релаксирачка атмосфера и сигурно место кое поттикнува взаемна размена на среќа и радост.
Спортско рекреативна работилница
Кај фискултурните активности се обработуваат сите видови на природни движења на телото па така децата наутро прават фискултурни вежби за да се намалат неправилностите и деформитетите во физичкиот развој, а по образовната работилница се организира натпревар во влечење на јаже, трчање, скокови, со цел за да се подигне нивото на личната потреба од самодокажување за победа. Во слободните активности оставаме децата сами да си ја одберат активноста а најчесто ги прифаат игрите на НЕ ЛУТИ СЕ ЧОВЕЧЕ, редење на коцки, меморија карти (пронаоѓање на две исти слики) и пикадо.
Воннаставни активности
Тука се и прославувањата на родендените, кои не само кај децата туку и кај нивните родители се буди чувството за одбележување на овој ден. Се прославува и дочекот на Новата Година, 8-ми Март, 1 Април, 6 Април - меѓународниот ден на ромите, Ѓурѓовден итн. и се организираат и вон наставни активности: посета во Луна Парк, ЗОО-градина, Кале, Крушево а преку Црвениот Крст им се овозможува прво летување во детското одморалиште Солферино во Струга.
Едукација на родителите за почитување на детските права
Нашата досегашна искуствена работа со овие деца преку работилниците а и низ индивидуална и групна работа овозможи препознавање на еден долготраен, континуиран атак од страна на родителите врз детската личност кои го загрозуваа животот и здравјето, односно нормалниот раст и развиток на детето. Самото игнорирање на детето и игнорирање за неговите потреби, претставува тешка повреда на детската личност и тогаш децата развиваат најразлични дисфункционални облици на адаптација и однесување. Имајќи го во вид ваквото однесување сé почесто се остваруваат контакти и средби со родителите, во и надвор од Центарот за да се зголеми пред сé свеста за правата на нивните деца, се учествува во подобрување на родителството, базирани на информативни и мотивациони разговори за важноста на образованието, им се пружа психо-социјална и правна помош и поддршка, советодавни услуги, едукации на различни теми: планирање на семејството, планирање на семејниот буџет, развој на родителските вештини-поголема грижа за децата, одржување на личната хигиена и хигиена во домот, комуникација на заедницата со институциите со цел да се помогне во информирањето и олесни пристапот до надлежните служби и институции со цел да им се помогне во решавање на нивните тековни проблеми и остварување на нивните права.
Соработници и партнери на дневниот центар
Благодарност до СИТЕ кои во изминатиот период несебично помогнаа да истраеме во нашата заедничка заложба и благородна мисија за остварување и заштита на нивните права и интереси. Исто така ЗЗПД директно соработува со Меѓуопштинскиот ценатр за социјална работа како и со други релевантни институции од областа на социјалната заштита.
МТ Тинекс, Град Скопје, Фон-Универзитет, Комерцијална банка, Здравје Радово, Европа, Лајнс Клубот, Книжара Три, Француска Амбадаса, Црвен Крст на Град Скопје, Unicef, UNHCR.
Донатори
За досегашното континуирано работење на дневниот центар финансиска помош и поддршка дале:
МТ Тинекс,
Фондација Институт Отворено Општество Македонија,
Министерство за Труд и Социјална Политика,
Проекти
Центар за детска правда
- Целта на Центарот за детска правда
- Има ли живот по затворањетo
- Правата на детето и малолетничката правда
- СТОП за злоупотреба на децата во текот на изборната кампања
- Анализа на злоупотребата на детскиот труд во западноевропските држави
- Проценка на состојбата на сексуалната злоупотреба на децата во воспитно-поправните установи
- Едукација на децата за заштита на нивните права
- Психо-социјална интеграција на децата со оштетен вид
Твоите права
Право на специјална грижа и беспрекорно образование.