header images

Има ли живот за време и по затворањето

Период на имплементација: мај – ноември 2003 година

Формулација на проблемот

Имајќи го во предвид фактот дека малолетничкиот криминалитет станува се побрутален последниве години (зголемен број сексуални деликти извршени од страна на малолетници, зголемен број насилнички кривични дела во кои се вбројуваат тешки кражби, кривични дела против животот и телото и кривични дела против јавниот ред често и со смртни последици) се поставува прашањето кои се непосредните причинители за агресивноста и насилството меѓу младите и на каква основа да се постави борбата против малолетничката деликвенција.

Исто така, имајќи го во предвид зголемениот број на малолетните повторници (кои повторно извршуваат кривично дело) се поставува прашањето дали казната, односно воспитната мерка ја оствариле својата цел. Според Кривичниот закон, "целта на воспитните мерки и на малолетничкиот затвор е со давање заштита и помош на малолетните сторители на кривични дела, со вршење надзор над нив, со нивно стручно оспособување и со развивање на нивната лична одговорност да се обезбеди нивното воспитување, превоспитување и правилен развој". Значи, нивната цел не е казнување, туку воспитување и превоспитување. Со оглед на возраста на малолетниците, нивната личност сеуште не ја достигнала својата психолошка, социјална и интелектуална зрелост и според тоа процесот на социјализација не е целосно завршен. Тој се дефинира како процес на социјално учење по пат на кое единката стекнува социјално релевантни облици на однесување и се формира во личност со свои лични карактеристики што заедно во целина и овозможуваат да формира ставови и модел на однесување што е во согласност со општо прифатениот систем на вредности и норми во општеството. Неправото на казненото дело извршено од страна на малолетно лице се состои во неговата воспитната запуштеност, како дополнителен елемент на објективното битие на делото. Затоа тие треба правилно да се насочат кон остварување на позитивни промени во нивното општественото однесување, а тоа подразбира:

1. активен однос на самото лице во процесот на социјализацијата и ресоцијализацијата и
2. севкупна активност на институционализираните и вонинституционализираните субјекти кон отстранување на причините кои довеле кон криминално поведение.

Едно од основните начела, воопшто на сите казни е индивидуализација на третманот, што значи примена на мерки и активности во согласност со личните својства на секој малолетник, поединечно. Еден дел од теоријата која се занимава со изучување на пенитенцијарните установи смета дека одговорот на прашањето дали малолетното лице ќе го напушти воспитно поправниот дом/малолетничкиот затвор со оштетен или неоштетен интегритет зависи од неговиот однос со останатите малолетници кои ја издржуваат истата мерка/казна, како и од односот со стручниот персонал во установите, зашто малолетното лице со доаѓањето во домот/затворот е изложен на многубројни депривации: депривации од лишување од слобода, депривации на материјални добра, депривации на сигурноста. Влијанието на амбиентот во установата е неспорен, а дали тој ќе остави трага многу зависи од времето поминато во установата, структурата на личноста на малолетникот и како тој го доживува тој свет. Секој систем на извршување на воспитно-заводски мерки /малолетнички затвор е составен од формален и неформален систем. Формалниот систем го сочинуваат: институциите, нормите, персоналот и режимот што владее во установата, додека неформалниот систем од друга страна го сочинуваат малолетните делинквенти и субкултурните неформални норми кои што се прифаќаат како правила на однесување меѓу самите малолетници.

Исто така, имајќи ја во предвид улогата на судијата за малолетници кој што ја изрекува казната и воспитната мерка, тој во образложението на пресудата/решението дава упатства како таа да се изврши и да се оствари нејзината цел. Затоа судијата за малолетници треба да знае КАДЕ ќе се извршува мерката/казната, НА КОЈ НАЧИН и ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА. Негова должност е да врши надзор врз законитото постапување со малолетните деликвенти, зашто тој одлучува за нивната положба за време на издржувањето на воспитната мерка/малолетнички затвор и решава по сите прашања за нив. Од друга страна, малолетниците имаат право да побараат за дисциплинската мерка да се изјасни надлежниот суд.
Наш домен на интересирање се сите компоненти на системот на извршување на санкциите со цел да се согледа колку воспитната мерка односно казната ја остварува својата функција.

Цели

• Да се согледа дали условите за живеење во КПД-Тетово и во малолетничкиот затвор-Охрид се во согласност со општо прифатените меѓународни стандарди за малолетниците лишени од слобода во однос на сместувањето, исхраната, категоризацијата, личната хигиена, достапноста до медицински услуги;
• Да се согледа положбата на малолетниците за време на издржувањето на воспитно-заводската мерка/малолетнички затвор која може да се согледа преку дефинираните права, должности и дисциплински одговорности и колку тие се запознати со нив;
• Да се согледа дали основните облици на третман практично се остваруваат (индивидуалната и групна работа, образовниот процес, стручното оспособување, правилното користење на слободното време, контактите со надворешниот свет итн.) од страна на стручниот персонал (педагог, психолог, социјален работник, воспитувач);
• Да се согледа со какви тешкотии и проблеми се сретнуваат малолетниците во домот/затворот и во кој степен процесот на социјализација и ресоцијализација влијае кон позитивни промени во нивното индивидуално и општествено однесување;
• Да се согледа односот меѓу формалниот и неформалниот систем, односно општата клима што владее во домот/затворот (начинот на кој се уредува редот и дисциплината и начинот на кој се остварува комуникацијата меѓу персоналот и малолетниците);
• Да се дојде до релевантни сознанија дали судиите за малолетници учествуваат во процесот на извршување на воспитно-заводските мерки/малолетничкиот затвор зашто целата малолетничка кривична постапка треба да биде во функција на воспитниот и превоспитниот процес;

Целна група

• Малолетниците на кои им е изречена воспитна мерка "Упатување во воспитно-поправен дом" и казна "Малолетнички затвор";
• Судии за малолетници;
• Директорот на Управата за извршување на санкции при Министерството за Правда на Р. Македонија;
• Стручниот персонал (директор, педагог, психолог, социјален работник, воспитувач во установите и одделенијата за извршување на воспитна мерка "Упатување во воспитно-поправен дом" и казна "Малолетнички затвор")

Активности

1. Средби и разговори со малолетниците сместени во погоре наведените установи кои што треба да спроведат истражување формулирано од нивна страна. Целта на предвидената активност е самите малолетници да можат слободно и лично да го изразат своето задоволство/незадоволство од индивидуалниот третман што се применува врз нив, тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат, начинот на кој го доживуваат лишувањето од слобода, нивниот однос со останатите малолетници и со персоналот во установите и што очекуваат по напуштањето на истите;
Предвидено е малолетниците да се поделат во групи и по сопствен избор да ги формулираат прашањата кои се од нивни интерес. Од наша страна ќе бидат дадени основните упатства и насоки за целта на тоа истражување.
2. Презентација на нивните резултати од нивна страна;
3. Средби и разговори со персоналот во установите и собирање релевантни сознанија за тешкотиите со кои се соочуваат (раширеноста на наркоманијата или други негативни појави меѓу малолетниците), за начинот на кој се уредува редот и дисциплината, нивни ставови како примената на погодностите и присилните средства влијаат врз воспитниот и превоспитниот процес;
4. Средби и разговори со судии за малолетници за нивната улога во процесот на извршување на заводската воспитна мерка и казната Малолетнички затвор (во заштитата на положбата на малолетниците и во вршењето на судскиот надзор во наведените установи);
5. Одржување на семинар на кој ќе учествуваат претставници од сите наведени категории и на кој ќе бидат презентирани сите сознанија и информации добиени од претходните непосредни средби и разговори со учесниците а потоа следуваат дискусии, предлози, заклучоци.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Други активности Хигиена и имунизација Креативна работилница Музичка работилница Образовна работилница Нивните права Прослави Спортска работилница Појадок и ужина Музичка работилница Образовна работилница Нивните права Прослави Спортска работилница Појадок и ужина

Контакт:

e-mail:  zpd.dcr@gmail.com
тел: +389 2 2651636

Донатори:

Публикации:Има ли живот